Алберт АјнштајнАлберт Ајнштајн (14 март, 1879 – 18 април, 1955) бил германски теоретски физичар, најпознат по неговата теорија на релативноста и теоријата за масно-енергетска еквиваленција, E = mc2. Ајнштајн ја добил Нобеловата награда за физика во 1921 година „за неговата работа во полето на теоретската физика, а особено за неговото откритие на фотоелектричниот ефект.“
Во огромниот број на придонеси на Ајнштајн кон физиката се вбројува неговата специјална теорија на релативноста, која ги споила механиката и електромагнетизмот, и неговата општа теорија на релативноста, која ја проширила теоријата на релативноста за нерамномерното движење, создавајќи нова теорија на гравитација. Има бројни придонеси во полињата на релативистичка космологија, капиларна акција, критична опалесценција, класични проблеми на статистичката механика и нивната примена во квантната теорија, објаснување на брауновото движење на молекулите, веројатности на атомската транзиција, квантната теорија на едноатомски гасови, термодинамичките својства на светлината со ниско ниво на радијација (со што ги дава темелите на теоријата на фотони), теорија за радијација вклучувајќи стимулирана емисија, концептот на теоријата на унифицирани полиња и придонеси кон физичката геометризација.
Ајнштајн објавил преку 300 научни и над 150 ненаучни дела. Има статус на славност во заедницата на физиката, а магазинот Тајм во 1999 го именува како „Личност на векот“. Во пошироката култура, името „Ајнштајн“ стана синоним на генијалност.
Алберт Ајнштајн бил роден во еврејско семејство во Улм, Вуртемберг, Германија на 14 март 1879. Неговиот татко бил Херман Ајнштајн, продавач и инженер. Неговата мајка била Полин Ајнштајн (моминско презиме Кох). Во 1880, семејството се преселило во Минхен, каде неговиот татко и вујко формирале компанија, „Elektrotechnische Fabrik J. Einstein & Cie“, која произведувала електрична опрема.
Ајнштајнови не биле посериозни еврејски религозни верници, па затоа Алберт посетувал католичко основно училиште. Иако Ајнштајн имал рани говорни маани, тој сепак бил меѓу врвните ученици во училиштето.
Алберт Ајнштајн во 1893 (на 14 години), пред неговото семејство да се пресели во Италија.
Кога Ајнштајн имал пет години, неговиот татко му покажал џебен компас. Ајнштајн сфатил дека има нешто во празниот простор што ја движи иглата и подоцна изјавил дека ова искуство му направило „длабока и долготрајна импресија“. На инсистирање на неговата мајка, тој земал часови по виолина на шестгодишна возраст, и иако не ги сакал и евентуално се откажал, подоцна многу уживал во моцартовите виолински сонати. Како што растел, Ајнштајн градел модели и механички направи од чиста забава, а почнал да покажува и талент за математика.
Во 1889, семејниот пријател Макс Талмуд, медицински студент, го запознал десетгодишниот Ајнштајн со клучни научни, математички и философски текстови, вклучувајќи го делото на Кант Критика на чистата причина и евклидовите Елементи (Ајнштајн ја нарекол „малата света геометриска книга“) Од Евклид, Ајнштајн почнал да разбира дедуктивно резонирање, и до дванаесетгодишна возраст, тој ја научил евклидовата геометрија. Веднаш потоа почнал да го истражува калкулусот.
Во неговите рани тинејџерски години, Ајнштајн ја посетувал прогресивната гимназија Луитполд. Неговиот татко имал намера тој да следи електрично инженерство, но Ајнштајн се судрил со авторитетните во училиштето и со школскиот режим. Тој подоцна напишал дека духот на учење и креативноста биле изгубено во стриктно учење на памет.
Во 1894, кога Ајнштајн имал петнаесет години, бизнисот на неговиот татко пропаднал и семејството се преселило во Италија, најпрвин во Милано, а по неколку месеци во Павија. За ова време, Ајнштајн го напишал својот прв научен труд, „Истражувањето на состојбата на етер во магнетни полиња“Ајнштајн подоцна го напуштил Минхен за да го заврши средното училиште, но во пролетта 1895 година се повлекол за да се придружи на семејството во Павија, убедувајќи го училиштето да го ослободи користејќи медицинска белешка.
Наместо да го заврши средното образование, Ајнштајн одлучил да се пријави директно на ЕТХ Цирих, Швајцарскиот Федерален Институт за технологија во Цирих, Швајцарија. Без школско свидетелство, тој морал да положи приемен испит, во што не успеал, иако имал исклучително добри оценки во математика и физика. Ајнштајн напишал дека во таа иста година, на 16 години, за првпат го извршил неговиот експеримент на визуелизација на патување паралелно со светлосен бран.
Ајнштајнови го испратиле Алберт во Арау, Швајцарија, да го заврши средното образование. Додека престојувал со фамилијата на проф. Јост Винтелер, тој се заљубил во нивната ќерка, Мари (сестрата на Алберт, Маја, подоцна се омажила со Пол Винтелер). Во Арау, Ајнштајн ја проучувал максвеловата електромагнетна теорија. Во 1896, тој матурирал на 17 годишна возраст, се откажал од своето германско државјанство за да ја избегне воената служба (со одобрение на татка си) и конечно се пријавил на математичката програма во ЕТХ. Мари се преселила во Олсберг, Швајцарија каде зела наставничко место.
Во 1896, идната жена на Ајнштајн, Милева Марич, исто така се пријавила на ЕТХ како единствената жена која студирала математика. За време на следните неколку години, Ајнштајн и Марич го развиле своето пријателство во романса. Ајнштајн завршил со студиите во 1900 од ЕТХ со диплома по физика. Истата година, пријателката на Ајнштајн, Мишел Бесо, го запознала со работата на Ернст Мах. Следната година, Ајнштајн објавил статија во престижниот весник Annalen der Physik за капиларните сили на една сламка. На 21 февруари 1901, тој добил швајцарско државјанство, од кое никогаш не се откажал.
Извор